Националниот музеј на Бразил во Рио Де Жанеиро, кој е најстарата научна институција во земјата и во кој се чуваа повеќе 20 милиони вредни експонати, целосно изгоре ноќта во неделата, а телевизијата Globo објави фотографии и снимки од катастрофата.
Пожарот избувнал по затворењето на музејот, па според досегашните информации, во несреќата нема настрадани. Четворицата службеници кои останале по затворањето на музејот за посетителите, успеале навреме да ја напуштат зградата. Огнот за само неколку минути се проширил по дрвените тавани на зданието, изградено на почетокот од XIX век. Значителен дел од покривот на зградата веднаш потоа се урнал.
Причината за пожарот засега не е утврдена. Се наведува дека минало долго време додека бил најден хидрант за вода, а пожарникарите долго време не можеле да го контролираат ширењето на огнот.
Националниот музеј, кој е лоциран во северниот дел од бразилската метропола Рио де Жанеиро во паркот Кинта-да-Боа-Вишта, зафаќа површина од 20.000 квадратни метри. Според телевизијата Globo, неговата колекција опфаќала повеќе од 20 милиони експонати. Станува збор за археолошки артефакти, египетски и јужноамерикански мумии и антиквитети, предмети од секојдневниот живот и минерали. Според првичните процени, сето тоа е загубено во пожарот.
Бразилскиот претседател, Мишел Темер, изјави дека штетатае „невозможно да се процени“. „Изгубени се 200 години работа, истражувања и знаења. Ова е тажен ден за сите Бразилци“, се истакнува во соопштението на шефот на држава.
Историја на Националниот музеј на Бразил
Во јуни годинава Националниот музеј го одбележа својот 200-годишен јубилеј. Отворен е во 1818 година од страна кралот на Португалија, Жоао Шести, со цел да ги поттикнат научните истражувања во Бразил, чијашто територија во тоа време била многу малку проучувана. Првично музејот собирал примероци од локалната флора и фауна, особено птиците со живописно перје. Поради тоа, старата зграда на институцијата која била во центарот на Рио де Жанеиро била наречена и „Куќа на птиците“.
Кон крајот на XIX век, Националниот музеј е преселен во Палатата Сан Кристован, која се нарекува и Имераторска палата. Во периодот од 1817 до 1889 година таа била резиденција на императорите на Бразил, Педро Први и Педро Втори, а овој објект музејот го задржал до сега.
Во понеделникот пожарникарите се обидуваат да зачуваат барем дел од историската резиденција, надвајќи се дека има надежи да бидат спасени колекциите кои биле изложени таму.