ФОТО и ВИДЕО| Ракетата „Starship“ на „SpaceX“ експлодираше набрзо по лансирањето

Компанијата за комерцијални вселенски летови „SpaceX“ на претприемачот Илон Маск успешно првпат ја лансираше својата ракета од следната генерација „Starship“ во четвртокот, но ракетата експлодираше само неколку минути подоцна во воздух.

Ракетата висока 120 метри беше лансирана на својот прв пробен лет без екипаж од полигонот „Starbase“ на „SpaceX“, источно од Браунсвил, во американската сојузна држава Тексас.

Во „SpaceX“ се надеваа дека таа во најдобар случај ќе лета 90 минути. Меѓутоа, по помалку од четири минути лет, горната фаза од ракетата не се одвои од долната фаза и леталото експлодираше. И покрај тоа, претставниците на „SpaceX“ беа задоволни од успешното лансирање и ја прогласија кратката епизода за успешен пробен лет.

„Честитки до екипажот на SpaceX за овој одличен пример на пробен лет“, напиша самиот Маск на Twitter и притоа вети прдолжување на проектот.

„Научивме многу за идниот пробен лет што ќе следи за неколку месеци“, најави Маск.

Леталото повисоко од њујоршката Статуа на слободата требаше да биде лансирано во понеделникот, но во последните минути од одбројувањето беше најавено дека летот ќе доцни најмалку 48 часа, а причината беше замрзнат вентил за притисок во погонската ракета.

Американската вселенска агенција NASA го избра вселенското летало „Starship“ за транспорт на астронаути на Месечината на крајот на 2025 година. Мисијата позната како „Aretmis III“ ќе биде првата таква мисија од крајот на програмата „Apollo“ во 1972 година.

Леталото „Starship“ (Ѕвездениот брод) се состои од 50-метарско вселенско летало дизајнирано за транспорт на екипажот и товарот што се наоѓа на 70 метри високата погонска ракета „Super Heavy“. Заендно наречени „Starship“, вселенското летало и ракетата „Super Heavy“ никогаш не беа лансирани заедно, иако имаше неколку суборбитални пробни летови на самото летало.

Во NASA имаат намера да однесат астронаути во орбитата на Месечината во ноември 2024 година, користејќи ја сопствената ракета „Space Launch System“ (SLS), која се развива повеќе од деценија. Но „Starship“ е поголем и помоќен од SLS. Тој генерира повеќе од двапати поголем потисок од ракетите „Satur V“ коишто се користеа за испраќање астронаути на Месечината како дел од мисијата „Apollo“.

Во „SpaceX“ планираат прво да го постават „Starship“ во орбитата, а потоа да го дополнат гориво од друг „Starship“ за да може да продолжи кон Марс или подалеку во пространството. Маск рече дека целта е да се направи „Starship“ повторно употреблив и со тоа да се намали цената на неколку милиони долари по лет.