Музичкиот проект „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите, по цели пет години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија, конечно ја имаше својата македонска премиера во средата вечерта на платото пред Националната опера и балет во Скопје.
По скопското претставување следуваат и концертиите на 25-ти и 26-ти септември, во Штип и Битола.
Овој проект, кој во меѓувреме го освои светот со музичкиот материјал изнедрен од македонска почва, пред македонската публика ќе биде претставен бесплатно.
Албумот „Македонисимо“, кој беше издаден од британската етикета „Лин рекордс“, на оригинален начин ја обработува македонската народна музика од страна на композиторот Панде Шахов. Тимот на „Македонисимо“, кој го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, и Влатко Нушев, удиралки, пред присутните ги изведуваат преработките на најубавите македонски ора и песни.
„’Македонисимо’ конечно си доаѓа дома. Навистина сум горд што ќе имаме можност да го претставиме овој проект на македонската публика, на народот на којшто овој проект е посветен. Проектот зачна одамна во мојата глава и можам слободно да кажам и во моето срце, бидејќи јас сум задоен, па пораснат со народната музика. Таа секогаш била вткаена дури и во целосното мое образование како музичка личност, коешто јас го стекнав во Македонија и отсекогаш верував дека потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи во еден поинаков музички јазик, да речам првенствено којшто доаѓа од класичниот музички свет, може да се носи рамо до рамо и со самата класична музика на којашто јас сум претставник“, изјави меѓу другото Трпчески на вчерашната прес-конференција, по повод најавата на македонската премиера. Проектот деновиве имаше претпремиера во струшкото село Збажди, родното место на неговиот татко, каде што концертот предизвика големо внимание. Трпчески посочи дека се работи за шест сплетови, околу 23 ора и мал дел песни, „нешто што е код на Македонците“.
„Сакавме да претставиме еден поголем вариетет на огромното фолклорно богатство од сите страни на Македонија. Присутните ќе имаат можност да слушнат малку поинаков тип на ‘Малешевка’, поинаков приод кон ‘Беранче’, ‘Ибраим Оџа’, ќе ја слушнете фантастичната убавина на ‘Не си го продавај Кољо чифликот’, ‘Пембе оро’, ‘Поступано оро’, ‘Невестинско’… нешто што нас нè овековечува… и со разни џез и класични влијанија, инспирирани од прекрасната македонска народна музика“, додаде Трпчески. Тој откри дека пред светската премиера, четири години го осмислувал овој проект, а креативниот процес со композиторот Шахов траел една година, при што се консултирал и со Институтот за фолклор ‘Марко Цепенков‘ и со ансамблот ‘Танец‘.
Оркестарската верзија на „Македонисимо“, како што во вторникот откри Трпчески, ќе има своја светска премиер во виенскиот „Музикферајн“, сцената на која се одржува традиционалниот Новогодишен концерт. Македонисимо квинтетот на 2-ри март 2023 година од 20 часот ќе го придружува австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо од Јапонија“.