Од скопската Зоолошка градина се огласија со соопштение по нејзиното затворање откако во јавноста излегоа информации за појава на „птичји грип“.
Во соопштението од Зоо Скопје велат дека од изутринава без налог, решение или било каков друг доказ
инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднале во ЗОО Скопје и извршиле масакр врз птиците.
-Без образложение, овие лица по наредба на диркторот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк. Целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затварање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот. За оваа дело ЗОО Скопје ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднаа во ЗОО Скопје, се наведува во соопштението.
Она што привлече внимание во соопштението е фактот што истото е препратено до медиумите, а не испратено, од електронската адреса на Зоолошката. Ова отвора сомнеж дали креаторот на соопштението е токму градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ако се земе во превид дека во соопштението се користени зборови, кои таа самата ги употреби пред два дена во статус на нејзината Фејсбук страна.
Во врска со случајот со Зоо Скопје, од АХВ потврдија дека нивни инспектори се во зоолошка и дека во текот на денов со соопштение ќе информираат за што станува збор.
Поранешниот директор на ЗОО Скопје, Ѓорги Галетановски објави на Фејсбук дека станува збор за „птичји грип“.
-Смртоносна бактерија „птичји грип” е најдена во зоолошка градина Скопје. Во моментов Зоолошка е затворена, посетителите евакуирни, инспектори се веќе влезени. Ги замолувам посетителите и колегите сите што ја посетиле деновиве да се проверат, пишува Галетановски.