Илјадници антирасистички демонстранти и активисти на крајната десница се собраа во саботата во Лондон и покрај апелите на владата и силите за одржување на редот да не го прават тоа поради епидемијата на коронавирусот со која тешко е погодена Велика Британија.
Неколку десетици демонстранти на собирот на крајната десница се судрија со полицијата пред зградата на британскиот парламент и препреките подигнати во блискиот Вајтхол. Очевидци на инцидентот за медиумите изјавуваат дека биле фрлани пиротехнички средства и шишиња.
„Целосно неприфатливо насилство. Сите кои се насилни или вандализираат мора да очекуваат дека ќе се соочат со потполната сила на законот. Одете дома и запрете го ширењето на вирусот и спасете животи“, ги предупреди десните демонстранти британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател.
Илјадници антирасистички демонстранти ширум Велика Британија се собраа игнорирајќи ги предупредувањата на премиерот Борис Џонсон дека протестите на движењето „Црните животи се важни“ (Black Lives Matter – BLM) ги „грабнале екстремисти кои планираат насилства“. „Нема да нѐ замолчат“ објави на својата фејсбук страница лондонскиот огранок на движењето.
Лондонската полиција во центарот на градот намени одвоени зони за антираристичките протести и за контрапротестот на крајно десните групации, наредувајќи сите вакви настани да бидат завршени до 17 часот по локално време.
„До сите кои планираат да им се придружат на #BlackLivesMatter протестите овој викенд: поради вашата безбедност ве молам да останете дома и да најдете безбеден начин да се слушне вашиот глас“, напиша во саботата на својот акаунт на Twitter лабуристичкиот градоначалник на Лондон, Садик Кан, порачувајќи им на крајно десните групи дека „лондонците немаат време за нивната омраза“.
Британската полиција ги предупреди демонстрантите дека со излегувањето на улиците ќе ги прекршат мерките за социјално дистанцирање, коишто одредуваат дека на собир може да има најмногу шест лица.
На протестите против расизмот во Велика Британија изминатите три седмици се појавиле неколку стотици илјади луѓе, според процените на организаторите кои тврдат дека биле мирољубиви, но во медиумите, како и од страна на политичарите, се предупредува на бројни напади врз полицајците.
Во британската јавност се води и жестока дискусија околу уништувањето на спомениците и обележјата во чест на историски личности коишто биле поврзани со британскиот империјализам, колонизаторството и трговијата со робје.