ФОТО| Италијанската резиденција на Водно отишла јабана со преддоговор за купопродажба

    Приватна фирма од мавровското село Скудриње е потписник на преддоговорот за купопродажба на недвижнината на скопско Водно, во која е сместена резиденцијата на италијанската амбасада

    Македонскиот бизнисмен-градежник, за кој вчера НетПрес објави дека сакал да продава резиденција на Водно, каде закупец е италијанскиот амбасадор, сепак успеал да потпише преддоговор за купопродажба, покажува нов документ до кој дојде НетПрес.

    Нашите нови сознанија велат дека за парцелата и објектот на улица Славејко Арсов број 146, потпишан е преддоговор за купопродажба со фирмата „Техно Блок“ ДООЕЛ Увоз-Извоз од село Скудриње, Маврово.

    Преддоговорот бил потпишан и нотарски верификуван на четврти декември, годинава, во нотарска канцеларија во Скопје.

    НетПрес вчера објави дека италијанската амбасада во Скопје испратила нота до македонските власти поради, според нив, незаконскиот документ. Имено, во документот, кој е на меморандум од Амбасадата на Италија и има печат од амбасадата, а исто така и потпис од амбасадорот, на италијански јазик е напишано дека лицето Александар Ивановски на седми август, годинава, наводно добил согласност за склучување преддоговор за продажба на недвижен имот.

    Сопственик на имотот на улица Славејко Арсов број 146 на скопско Водно е Александар Ивановски, а закупец италијанската амбасада.

    Сепак, во допис до македонските власти, Амбасадата на Италија пишува дека го добила овој документ, и на петти декември, годинава, упатила вербална нота до македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

    Во дипломатската нота, амбасадата на Италија информира дека „овој документ е незаконски изработен“.

    На шести декември, годинава, со назнака „Многу Итно“, македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија, за случајот испратило известување до Министерството за внатрешни работи (Биро за јавна безбедност), до Министерството за правда, како и до Нотарската комора.