По невремето со силен ветер и обилни врнежи од дожд што го зафати Скопје вчера, во попладневните часови, екипите на Градот Скопје, на јавните претпријатија „Водовод и канализација“, „Паркови и зеленило“, „Комунална хигиена“, „Улици и патишта“ и на Противпожарната бригада веднаш излегоа на терен и ги санираа штетите.
„Се интервенираше на подзвозникот кај стоковната куќа „Мост“, на булеварот Алаксандар Македонски, на клучката кај хотелот „Континентал“, на булеварот Србија, на подвозникот на улицата Павел Шатев, во делови од општината Кисела Вода, на подвозникот на булеварот Киро Глигоров, на булеварот Гоце Делчев кај зградата на МРТВ, на улицата Финска во Маџари и во населбата Автокоманда“, се вели во соопштението.
Силното невреме вчера ги погоди источните делови од градот – општините Центар, Кисела Вода и Аеродром, дел од општината Чаир и општината Гази Баба.
Во Градот Скопје се пријавени поплави во повеќе домови, при што на исцрпување на водата интервенираа екипи на ЈП „Водовод и канализација“ и на Противпожарната бригада.
Целосно се поплавени подрумските простории на средното училиште „Владо Тасевски“ во Аеродром, пријавени се оштетувања на покривите на повеќе објекти – индивидуални куќи и згради во Кисела Вода и во Аеродром. Оштетени се и голем број автомобили.
На повеќе локации во градот силниот ветер искрши и турна 39 дрвја, а искрши и многу гранки.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, уште веднаш излезе на терен со екипите на јавните претпријатија и ги следеше активностите за расчистување на последиците од невремето на сите критични точки.
Екипите на Градот Скопје и денеска ја следат состојбата на терен и се мобилни зашто од УХМР повторно се најавуваат обилни врнежи од дожд.