Кандидатот на СДСМ за градоналник на Аеродром, Александар Филиповски, во 2005-2006 година бил осуден условно на една година затвор за нанесување тешки телесни повреди на лицето Р.П., открива извор близок до учесниците во кампањата, пренесува Плусинфо.
Настанот се случил некаде пред 16 години, кога е поведена кривичната постапка. Предметот за оштетното побарување на тешко повредениот се влечкал до 2012 година, кога е пресудено дека Филиповски мора да плати висока оштета.
Сево ова се гледа и од документите што се доставени до Плуснфо. Еве две фотографии на дел од пресудите.
„Како може вакво лице, осудено за насилство, да биде избрано за градоначалник? Дотолку повеќе што имаме сознанија дека ова не е единствениот ваков настан поврзан за Филиповски“, вели изворот.
Од Плусинфо консултирале правен експерт и утврди дека од формално-правен аспект, овие пресуди не го засегаат правото на Филиповски да избира и да биде биран.
„Изречената казна одамна е избришана од казнената евиденција. Така налага законот. Тоа значи дека Филиповски ги има сите граѓански права и правно се смета за неосудуван. Друг е моралниот аспект на прашањето. Луѓето подолго од законот ги помнат ваквите дела и казните и затоа, не е невообичаено во кампањите заинтересираните страни да го вадат валканиот веш. Затоа е подобро кандидатите да имаат беспрекорни досиеја од овој аспект“, вели експертот.