ФОТО| Кина: Се расчистуваат патиштата до епицентарот на земјотресот, бројот на загинатите се искачи на 74

Кина повторни ги отвори патните правци коишто водат до епицентарот на земјотресот со магнитуда со 6,8 кој во понеделникот ја погоди југозападната покраина Сечуан и сообраќајот е повторно воспоставен, известија во средата медиумите додека бројот на загинатите се искачи на 74 луѓе.

Вкупно 259 луѓе се повредени во природната стихија, а 26 лица до ноќта кон средата биле водени како исчезнати, пренесува весникот People’s Daily.

Најсилниот земјотрес кој ја погоди покраината Сечуан по 2017 година, уништил голем број згради и предизвикал голема штета на електроенергетската и водоводна инфраструктура, како и на телекомуникациската мрежа.

Спасувачите брзаат да дојдат до блокираните луѓе, ги обновиле комуналните услуги и испорачуваат итна помош, додека 11.000 луѓе се евакуирани до вторникот вечерта од округот Лудинг, каде што е регистриран епицентарот на земјотресот.

Рано во средата утрото сеизмолошката служба регистрирала уште еден потрес со магнитуда 3 според Рихтер во епицентарот, на длабочина од 12 километри. Областа е под опасност и поради метеоролошките прогнози кои навестуваат можни обилни дождови во регионот до петок.

Земјотресите се чести во југозападната покраина Сечуан, особено во планинските области на западот на регионот. Станува збор за тектонски активно подрачје по должината на источната граница на Кингаи-тебетската висорамнина.

Вкупно 39.000 луѓе живеат во радиус вод 20 километри од епицентарот, и 1,55 милиони во радиус од 100 километри, според податоците на кинеските државни медиуми.

Земјотресот е најсилниот кој го погодил Сечуан по август 2017 година, кога земјотресот со магнитуда од 7,0 ги погоди округот Аба. Најмоќниот забележан земјотрес во Сечуан беше оној од мај 2008 година, кога потресот со магнитуда од 8,0 со епицентар во Венчуан уби речиси 70.000 луѓе и предизвика голема материјална штета.

Земјотресот од понеделникот бил почувствуван и со стотици километри оддалечените покраини Јунан, Шанкси и Гуижу.