Околу седум илјади луѓе денеска во Охрид и Струга изиграа оро за рекорд, организирано од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија.
Станува збор за луѓе од сите генерации од сите возрасти, кои орото го изиграа на потегот од кај селото Подмоље, кај вливот на реката Састеска во Охридското Езеро до Охрид.
„Орото е изиграно, играорците беа во низа, сето тоа е документирано и ќе биде испратено до Гинис, за што ќе чекаме верификација. Ние имавме оптимистичка варијанта, да го собориме и најдолгото оро изиграно од кинезите, меѓутоа нашето оро е поинакво и нашето е ставено во друга категорија,“ истакна Насер Хот од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
Тој изрази жалење што не се успеа во плановите над 20 илјади луѓе, кои пројавиле интерес да бидат дел од овој проект, најмногу поради оправдани причини, како материјални средства така и поради потребата од голема логистичка поддршка.
„Максималната поддршка што ни ја дадоа општините Охрид и Струга, на еден начин сакавме да ја оправдаме со оро што ќе ги спои двата града, така што орото токму поради тоа се играше на средина меѓу двата града,“ истакна Хот, изразувајќи уверување дека во некоја наредна прилика ќе се направи обид да се реализира она што беше претходно најавувано, односно оро со над 18 илјади играорци, од Охрид до Струга.
Независно, ние добивме услов да учествуваме во рекорд за Гинис, во категорија од две и пол илјади играорци.
Целиот проект го поддржа и Националниот анасамбл за народни игри и песни „Танец“, како со свој настап пред гоститие во Охрид, така и со конкретна помош во уметничкиот дел.
„Сосема нормално е „Танец“, со свое име и презиме, да биде дел од ваква манифестација, како и во сите проекти што се од особена важност за Македонија. Улогата на „Танец“ беше да го направи музичкиот дел за најголемото оро. Бајса Арифоска која е дел од нашиот ансамбл со својот младински оркестар, ја сними музиката за најголемото оро,“ истакна директорот на „Танец“ Зоран Џорлев.
Музиката за орото за Гинис е уметничка изведба на интересна тема, инструментална верзија на старата народната песна „По ваздан те гледам“ од кратовскиот крај.
Извор: МИА