(ФОТО) Македонецот Димовски на врвот на КОК [King of Kings]

Македонскиот кик-боксер Александар Димовски – Димса, по долги и тешки подготовки се искачи на врвот на светската организација КОК [King of Kings] во четворократниот турнир во тешка катерија од Светската серија на КОК за 2019 година кој оваа година започна со Шампионатот во Сараево – Федерација Босна и Херцеговина.

Со ова Димовски се избори за можноста да се бори за титулата КОК Светски Шампион.

Пофални зборови за професионалниот настап и перфектната техничка изведба во рингот пристигнаа и од претседателот на КОК, господинот Донатас Симанаитис но и искусниот кик боксер во тешка категорија од светски ранг Потурак Џевад кој пак ја освои титулата КОК Европски шампион.

Димовски подготовките ги започна со на далеку познатиот професионален мајстор за боречки спортови и вештини, Златко Неделковски, човекот кој котира на самиот врв во светот на Кик Боксот.

Соработката вроди со плод па Димовски првата борба во која се соочи со Саша Јовановиќ од Словенија ја заврши со нокаут во третата рунда, додека иста судбина ја дочека и неговиот втор противник, само 20 минути подоцна, овој пат кик боксерот Санид Имамовиќ од Босна и Херцеговина кој беше поразен со нокаут во првата рунда.

Со ова Димовски се искачи на врвот на КОК и го отвори патот за предизвик за освојување на титулата КОК Светски Шампион.

Александар Димовски – Димса и тренерот Златко Неделковски презадоволни од постигнатиот успех само кратко истакнаа:

“Меѓусебната соработна започна со име на спортскиот дух, без предрасуси, Неделковски е познат како перфектен светски Кик Бокс мајстор и искусен кик боксер како што е Димовски, што пак идеално се вклопи со предизвикот да се постигне успех на спортски настан од ваков калибар.

Се имаше тешки и темелни подготовки во кои пред се се работеше за чистина во техниката. Иако реално во спортот не се кажуваат јавно очекувањата, искрено се надевавме дека успехот е на самиот дофат.

По првата борба имавме само 20-тина минути за одмор и почеток на втората, за која иако бевме подготвени излеговме на рингот со резерва. Победата само го потврди фактот дека кога успешен спортист и докажан тренер ќе се спојат – небото е граница.

Истата ќе продолжи и во предизвикот за КОК Светската титула.” – кратко од Сараево ни истакнаа Димовски и Неделковски.