ФОТО|Маскерано: Ова е најголемиот циркус, се огласи и Меси

Ова е најголемиот циркус што сум го доживеал во кариерата, изјави Хавиер Маскерано, селекторот на аргентинската олимписка репрезентација, по поразот на „Гаучoсите“ од Мароко со 1:2 во хаотичното отворање на олимпискиот фудбалски турнир.

Тешко е да се опише што се случуваше на „Стад Жофрој-Гишар’ во Сент Етјен на натпреварот меѓу Мароко и Аргентина. Тоа беше надреално сценарио за првиот меч на олимпискиот турнир, како што забележуваат француските медиуми.

Инвазија на навивачите, прекин од безбедносни причини, нерешени 2:2, потоа поништен гол два часа по крајот на натпреварот и на крајот победа на Мароко од 2:1 е резултатот на хаотичното отворање на фудбалскиот турнир на Олимписките игри. .

„Тоа беше најголемиот циркус што некогаш сум го доживеал“, изјави селекторот на Аргентина, Маскерано за аргентинските медиуми по натпреварот.

„Тоа што се случи на теренот беше скандал. Тоа не е турнир во соседството, тоа е Олимпијада. Натпреварот беше прекинуван седум пати, мораш дадонесеш одлука кога по третпат се случува прекин“, додаде пораншниот играч од средниот ред на Барселона, Ливепрул, Вест Хеми и уште низа клубови.

„Ни кажаа дека натпреварот е прекинат од безбедносни причини. Поминавме повеќе од час половина во соблекувалната каде никој не ни кажа што ќе се случи“, појасни аргентинскиот селектор.

Шоуто започна во 16. минута од судиското надополнување кога Аргентина постигна гол за 2:2. Тоа беше неверојатен гол на „Гаучосите. Аргентина двапати ја затресе рамката од голот во истиот напад, мароканскиот голман одбрани една топка, а Кристијан Медина погоди во четвртиот обид за 2:2.

Гневните марокански навивачи го преполнија теренот со чаши и шишиња, а околу 20 навивачи втрчаа на теренот. Шведскиот судија Глен Ниберг ги испрати тимовите во соблекувалната, но не означи крај на натпреварот, туку прекин.

Сѐ заврши во голема збрка, дури и медиумите објавија дека Аргентина се спасила во судиското продолжение извлекувајќи бод.

На официјалниот разглас на стадионот беше побарано од навивачите да го напуштат стадионот, со што се доби впечаток дека сѐ е готово. Меѓутоа, истовремено на официјалниот сајт на Олимпијадата се појави веста дека натпреварот е прекинат.
Следеше речиси двочасовно размислување дали средбата ќе продолжи или ќе биде прекината. На крајот екипите се појавија на теренот по 19 часот за да можат да одиграат дополнителни три минути. Пред продолжението, израмнувачкиот гол на Аргентина беше поништен поради офсајд по видео анализа, а Мароко ја одбрани предноста во додадените три минути.

„Постојано ни велеа, гледаме, гледаме. Дури и мароканските играчи не сакаа да играат три минути подоцна. Не ни треба помош, но не ни требаат да нѐ исмеваат како денеска“, изјави Маскерано

„Беше срамно“, истакна голманот Херонимо Рули.

Се огласи и аргентинскиот фудбалски мајстор Лионел Меси кој се опоравува од повредата на скочниот зглоб. „Невообичаено“, напиша кусо на социјалните мрежи Меси.