
Момче на 14-годишна возраст е убиено а уште четири други лица се повредени, од кои две тешко, кога 23-годишни нападнал неколку случајни минувачи во саботата попладнето во австрискиот град Филах и ги избодел со нож, извести австриската полиција.
Злосторството се случило близу главниот плоштад во центарот на градот со над 61.000 жители во јужниот дел на Австрија на 420 километри од престолнината Виена.
Според изјавата на портпаролот на полицијата Рајенер Дионизио,23-годишникот ги избодел минувачите малку пред 16 часот по локално време. Највозрасниот од повредените има 32 години и сите се мажи, додал.
Сторителот е сириски државјанин со дозвола за престој, а уапсен е набрзо по нападот.
Нападот го видел очевидец кој потоа со својот автомобили го удрил сторителот. Станува збор за 42-годишен разнесувач на храна кој исто така е имигрант од Сирија. Со тоа, оценува полицијата, веројатно се спречени натамошни кривични дела.
Напаѓачот набрзо потоа бил уапсен.
За убиецот засега малку се знае. Според картичката на барател на азил, тој живее во сместување во местото Лангауен. „Видеата од апсењето покажуваат дека сторителот се смее“, вели Дионизио. Има индиции за извици „Алаху акбар“ за време на нападот. Овој 23-годишник претходно не бил лице од интерес на безбедносните агенции и полицијата нема информации за негова поврзаност со криминал.
Државното биро за заштита на државниот поредок и борба против екстремизмот ја преземало истрагата заедно со Државното биро на криминалистичката полиција.