Египетското министерство за старини во саботата извести дека на југот од земјата, во градот Минја е откриена древна некропола која содржи бројни и вреди артефакти.
Египетскиот министер за старини, Калед ал-Енани изјави дека во гробниците се најдени златни маски, 40 саркофази, околу илјада статуи, керамички садови, накити и други артефакти. Додаде дека некрополата е сместена 245 километри јужно од главниот град Каиро.
„Само што започнавме со ископувањата, па верувам дека ни се потребни уште најмалку пет години за да го довршиме работите на некрополата. Откритието е важно затоа разјаснува разни аспекти од животот во древен Египет“, рече министерот пред новинарите.
Некрополата која се наоѓа во центарот на пустината, шест километри јужно од познатиот археолошки локалитет Туна ал-Габал, според стручњаците потекнува од периодот на 26-та древноегипетска династија.
Ископувањата на ова археолошко наоѓалиште започнати се во 2017 година, а во работата покрај египетските археолози, учествуваат и нивни колеги од Минхен и Хилдешејм.
Последните неколку месеци во Египет се откриени бројни артефакти и неколку гробници јужно од прочуениот Луксор. На почетокот од февруари археолозите во близина на пирамидите во Гиза открија гробница чијашто старост се проценува на 4.400 година. Во близина на пирамидите кој крајот на годинава ќе биде отворен нов музеј во кој ќе бидат изложени новооткриените артефакти.