Најмалку 12 луѓе се убиени во средата кога бомбаш-самоубиец со возило се забил во прватна компанија за обезбедување која работи за Обединетите нации во сомалиската престолнина Могадишу, соопшти тамошната полиција.
„Силната експлозија уништи неколку згради и цивилни возила усмртувајќи најмалку 12 невини луѓе. Верувам дека целта би можела да бидат приватни безбедносни сили кои вообичаено ги следат службениците на ОН кога се движат по градот“, изјавил за германската новинска агенција DPA претставник на полицијата во Могадишу.
Додалд дека стравува дека под урнатините има уште лица. Засега не се знае дали меѓу жртвите се странци или службеници на ОН. Ранети се повеќе од 20 лица, меѓу кои и ученици.
„Патував во посебен конвој кој мина низ тоа подрачје во моментот на експлозијата. Некои од моето обезбедување се ранети во овој напад. Навистина беше силна експлозија“, изјави за агенцијата заменикот на градоначалникот на Могадишу, Али Абди Вардере. Можел да потврди само за пет загинати припадници на приватното обезбедување.
Засега никој не ја презема одговорноста за експлозијата, којашто одекнала во квартот во близина на меѓународниот аеродром во Могадишу, каде што се сместени и амбасадата на САД и на други дипломатски мисии.
Екслозијата се случи во екот на последната ескалација на политичката и безбедносна неизвесност во Сомалија, земјата на Африканскиот рог во која се зголемуваат тензиите во врска со изборите чиешто одржување се одложуваат речиси цела година.
Мировната мисија на Африканската унија е задолжена за безбедноста надвор од добро обезбедуваните квартови на Могадишу во кои се сместени владините институции и странските мисии, каде што дејствуваат вооружените спротиставени фракции кои го поддржуваат претседателот Мохамед Абдулаху Мохамед односно премиерот Мохамед Хусеин Робл. Двајцата политички лидери, меѓу другото, не се согласуваат и околу тоа во чија надлежност ќе биде безбедноста во Сомалија. Претседателот Мохамед во декември се обиде да ги ограничи овластувањата на премиерот Робл, што овој го нарече обид за државен удар.