Неколку силни земјотреси, од кои најсилниот со јачина од 7,6 степени, во префектурата Ишикава во централна Јапонија предизвикаа материјална штета, а во тој регион беше издадено највисоко ниво на предупредување за цунами.
Во неколку згради избувна огромен пожар како последица на земјотресите, а илјадници луѓе ја минуваат ноќва во центрите за евакуација.
Десетици згради се урнаа во неколку градови, а засега непознат број луѓе останаа под урнатините.
Се стравува дека најмалку две лица загинале, јавува новинската агенција Кјодо, а бројот на жртви најверојатно ќе се зголемува во наредните денови.
Јапонската метеоролошка агенција ги намали предупредувањата за цунами долж Јапонското Море, при што се очекуваат бранови од околу еден метар.