Данската полиција потврди дека напаѓачот кој претходно во неделата попладне отворил оган и убил неколку луѓе во трговски центар во главниот град Копенхаген е 22-годишен етнички Данец, додавајќи дека е покрената голема истрага во целиот регион за да утврди дали дејствувал сам.
Неколку луѓе се убиени а уште неколку се ранети во пукањето во трговскиот центар „Field’s“ во близина на копенхашкиот аеродром „Каструп“, соопшти полицијата, потврдувајќи дека е уапсен 22-годишен етнички Данец, чиј идентитет засега не го открива, како и дека не ја отфрла можноста дека станува збор за терористички напад.
„Неколкумина се ранети, а знаеме и дека неколку луѓе загинал“, изјавил главниот полициски инспектор Серен Томасен, додавајќи дека полицијата покренала масовна потрага на островот Зеланд за да утврди дали има уште напаѓачи.
Томасен одбил да одговори за потенцијалните мотиви на осомничениот и дали од претходно ѝ бил познат на полицијата, но потврдил дека станува збор за етнички Данец, пренесува весникот Berlingske.
Копенхашката полиција претходно објави дека стасала во трговскиот центар „Field’s“ по дојава за истрели околу 17,30 часот по локално време.
„Луѓето прво помислија дека станува збор за грабеж. Тогаш слушнав пукање и скокнав зад пултот во продавницата. Стрелаше кон луѓето, не во подот или таванот“, изјавила Рике Левандовски очевидец на нападот за телевизијата TV2.
Станува збор за трговски центар на неколку ката, во кој се лоцирани разни дуќани и ресторани и паркинг, сместен околу пет километри од центарот на Копенхаген.
Нападот во Копенхаген се случи по минатонеделното пукање во норвешката престолнина Осло, каде вооружен напаѓач уби две лица.
Нивото на терористичка закани во Данска во моментов е на нивото „сериозна“, а најголемата закана доаѓа од „милитантниот исламизам“, според последниот извештај на данската разузнавачка служба. Заканата од десните екстремисти, пак, е на „општо“ ниво, што значи дека постои можност и од такви напади, проценуваат данските разузнавачи.
Последниот милитантен напад во оваа нордиска земја се одигра во 2015 година кога беа убиени две лица, а шест полицајци беа ранети пред културен центар во кој се одржуваше дебата за слобода на говорот, во врска со објавувањето на карикатури на пророкот Мухамед за што следеа џихадистички закани. Напаѓачот потоа уби уште едно лице пред синагога, па и самиот беше убиен во престрелка со полицијата.
Поради денешниот напад беше откажан настанот со кој се одбележува крајот од првиот дел на велосипедската трка Тур де Франс, чиј домаќин е данскиот принц, а гостинка требаше да биде шведската премиерка Мете Фредерискен.
Откажан е и концертот на британскиот поп-музичар Хари Стајлс кој требаше да се одржи во сала близу нападнатиот трговски центар.