ФОТО| Наполи ќе игра во дресови со ликот на Марадона

Играчите на италијанскиот прволигаш Наполи следните три натпревара во Серија А ќе ги играат во дресови на коишто ќе биде ликот на Диего Марадона со што ќе биде одбележана првата годишнина од смртта на легендарната аргентинска ѕвезда на 25-ти ноември, објави во саботата клубот.

Стилизираниот лик на Марадона, кој со Наполи ги освои единствените две титули на италијански шампион во 1987 и 1990 година, ќе го краси овој колекционерски примерок на дресот чија фотографија е објавена на клупските социјални мрежи.

Играчите на Наполи, кои во моментов се водечки на табелата придружувани од Милан, дресот ќе го носат на следните три дуела во италијанското првенство против Верона во недела на свој терен, потоа во дербито против Интер на 21-ви ноември во Милано и потоа во вториот голем меч со Лацио на 28-ми ноември, исто така, на својот стадион кој од минатата година го носи името на Диего Армандо Марадона.

„Една година по неговото заминување, Наполи ќе му одаде почест на големиот шампион, симболот на една епоха и икона на светскиот фудбал“, објавено е на страниците на клубот од Неапол.

Овие дресови ќе бидат продавани во три различни бои и во само 1.926 примероци секој. Бројот на произведените примероци е алузија на годината на основањето на Наполи во 1926 година, а дел од заработката ќе биде уплатен во добротворни цели.

Диего Марадона го носеше дресот на Наполи од 1984 до 1991 година, станувајќи неоспорен идол на целиот град. Неговата бројка 10 со години никој не го носеше во клубот.