Невремето проследено со обилни врнежи што викнедов ја зафати Италија, предизвика поплави во повеќе делови на земјата, во кои загинаа три лица.
Жртвите, седумгодишно девојче и две нејзини возрасни роднини, ги загубиле животите на Сицилија, кога надојдената вода го однела возилото со кое патувале. Во возилото при инцидентот се наоѓале и мајката на девојчето и уште три лица, кои успеале да се извлечат од автомобилот.
Како што пренесуваат медиумите една третина од Венеција веќе е под вода, но и поплавата не ги спречува туристите да уживаат во убавините на овој град.
Обилните снежни врнежи во реонот на италијанските Алпи пак предизвикаа прекини на телефонските врски и во електродистрибутивната мрежа, поради што беа откажани поаѓања на повеќе возови.
Метеоролозите најавуваат дека невремето во Италија ќе трае до вторник.