Неодамна Американската агенција НОАА (Национален геофизички дата центар) ја објави првата детална ноќна сателитска снимка на Земјата во висока резолуција. Снимката е добиена со користење на спектралниот опсег DNB (Day/Night Band) на сензорот VIIRS (Visible Infrared Imaging Radiometer Suite), за неколку ведри и многу темни ноќи без Месечина во текот на 2012, 2013 и 2014 година.
Облаците на снимките се исчистени – тргнати со посебна постапка и користење на дополнителни термални спектри соодветни за облаци. Претходните сензори кои беа користени за ваква намена, немаа толкава осетливост да детектираат слаби и поединечни извори на светлина во темните ноќи, така што снимките беа со многу послаб квалитет. На најновите снимки, освен светлината од населбите, присутна е светлина од вулканските ерупции, шумските пожари, па дури и од снежните маси. Сепак, секој извор на светлина има свои карактеристични нијанси (бранова должина), така што со разни начини на филтрирање може да ги издвоиме само светлинските извори кои ни се од интерес.
Овие ноќни сателитски снимки со резолуција од само 100 м со кои сосема добро е покриена територијата на Македонија, претставуваат одличен извор на информации кои можат да се издвојат преку постапките на далечинска детекција. Така, може да се добијат податоци за разместеноста или промените во просторната дистрибуција на населението на некоја територија (општина, регион, држава, природна целина), потоа вкупен број на население на дадена област, степенот на економски развој, стандардот, степенот на антропогено влијание во просторот и многу други индикатори. Снимките, меѓу кои е и делот за Македонија, може да се симнат на долниот линк и тоа како геореференциран .tif формат (geotiff) и како envi тип за соодветниот софтверски пакет наменет токму за анализа на сателитски снимки.
Линк до снимките: http://ngdc.noaa.gov/eog/viirs/download_monthly.html
Подготвил: д-р Ивица Милевски / iGeo за Факултети.мк