По повод 111 години од смртта на Гоце Делчев, денеска на денот на неговото загинување 4 мај, во Црквата „Св.Спас“, на Плоштадот Македонија и во Градскиот парк во Скопје, официјални државни и институционални делегации положија цвеќе.
Делагација на Градот Скопје положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Црквата „Св.Спас“, а делегации од Советот на Град Скопје му оддадоа почит на големиот македонски револуционер на споменикот на Плоштадот и на оној во Градскиот парк.
Цвеќиња денеска положија Делегација на Владата на Република Македонија, делегации на државни институции, делегации од политичките партии, делгации на АРМ, МАНУ, како и делегации и претставници од училишта и организации што го носат неговото име.
Во Црквата Св.Спас беше одржана Литургија на Македонската православна црква, а по повод 111 години од смртта на еден од најголемите македонски револуционери, настапи и Мешаниот градски хор „Вардар“.