Македонскиот олимпиец во таеквондо Дејан Георгиевски со олимпиското сребро на вратот, пристигна на плоштад Македонија, каде е организиран голем пречек за спортскиот херој.
Со големи овации Дејан, кој на Олимписките игри во Токио освои сребрен медал за Македонија во категоријата +80 килограми, беше пречекан од голем број лица.
Се вејат македонски знамиња и се извикува неговото име. Нашето златно момче Дејан кој освои сребро на Олимпијадата помина под Триумфалната порта.
Граѓаните го поздравуваат свиркајќи од автомобилите и извикувајќи го неговото име.
Непосредн претходно светски прославениот македонски музички виртуоз Симон Трпчевски објави фотографија со Дејан Георгиевски. Македонија се гордее со нив, едниот наш достоен претставник во музиката, другиот во спортот.
„По големиот концерт синоќа во Белгија, со маестро Максим Венгеров – ПОБЕДНИК во мојата професија, уште една радост и чест денес на скопскиот аеродром, враќајќи се дома од Токио, гордоста на Македонија, нашиот Олимписки ПОБЕДНИК во Таеквондо, Дејан Георгиевски. Браво мајсторе“, напиша Трпчевски.