Унгарскиот премиер Виктор Орбан попладнево пристигна во Охрид. Утре ќе има тет-а-тет средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Орбан, како што информираат владини извори, е пристигнат со бројна делегација во чиј состав се и 10-тина министри.
Според агендата, утре по средбата на двајцата премиери, ќе се одржи меѓувладина седница по која Мицкоски и Орбан ќе одржат заедничка прес-конференција.
Во Охрид денеска се забележува засилено полициско обезбедување. На улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ денеска и утре ќе биде забрането запирање и паркирање возила, а додека се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, долж булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум.
Премиерот Мицкоски, како што информира владината прес-служба, утре (петок) ќе оствари официјална тет-а-тет средба со неговиот унгарски колега во премиерската вила во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.
Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј во Охрид.
Орбан во 2013 година беше во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачил тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.
Унгарија, како моментален претседавач на Европската Унија, би можела да одигра клучна улога во поддршката на Македонија на патот кон членство во ЕУ. Македонската влада гледа во Унгарија потенцијален спонзор за нејзиниот евроинтеграциски процес, иако ваквата поддршка може да наиде на отпор кај некои други членки на ЕУ.