За време на својата дводневна посета на Молдавија како Претседавач на ОБСЕ,
министерот Бујар Османи во рамки на својата агенда ја посети и невладината
организација „Молдавија за мир“.
Оваа организација е поддржана од ОБСЕ, а со нејзината работа директно им
помага на луѓето на терен во загрозените подрачја. Така, за време на својата
посета, Османи имаше прилика и да се запознае со младите волонтери од
Молдавија и Украина, но и да ги поддржи за време на нивната хуманитарна акција
при подготовка на пакети со основни производи за украинските бегалци погодени
од војната.
Османи го поздрави овој проект, за кој, како што рече, не само што дава конкретна
помош за бегалците, туку претставува и можност за личен развој на младите,
нивна социјализација и создавање вистински вредности и навики кај младите луѓе.
„Нивната посветеност и страст да им помагаат на луѓето се вистинска
инспирација. ОБСЕ ќе продолжи да вложува во ваквите проекти преку кои нудиме
директна и опиплива корист за оние на кои им е потребна“, рече Османи.
Инаку, „Молдавија за мир“ е граѓанска иницијатива создадена за да обезбеди
помош за бегалците по руската инвазија на Украина. Организацијата обединува
луѓе кои ги препознаваат и разбираат потешкотиите со кои се соочуваат оние кои
ги оставиле своите домови и најблиските зад себе за да стигнат до безбедноста.
Од почетокот на војната, „Молдавија за мир“ значително придонесе во напорите
за управување на миграцијата на бегалците од соседната земја и денес
секојдневно работи на нивна помош и поддршка.