![Дојран ресорт 2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/06/Dojran-resort-2.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Изложбата „Дојран ресорт“ составена од големи паноа со модни фотографии поставени на шеталиштето долж Дојранското Езеро ќе биде отворена оваа сабота со почеток од 11 часот.
На дневна забава од отворен карактер ќе бидат презентирани фотографии направени на повеќе значајни локации и историски објекти низ градот, преку кои сите оние кои го посетуваат Дојран ќе можат да се запознаат со неговите убавини на еден поинаков начин.
Облекувајќи се во ново руво, но и преку реставрирање на историските обележја, Дојран се повеќе ја враќа старата традиција на посетеност, привлекување на домашни и туристи од странство кои годинава навистина ги има во голем број. Преку изложбата посетителите ќе се информираат и анимираат со интересни факти за годините и етапите низ кои минувал Дојран, вели за проектот градоначалникот на Општина Дојран, Борче Стамов.
Изложбата која ќе може да се види во текот на целата туристичка сезона е во организација на Општина Дојран и продукција на Моден викенд Скопје.
Дојран кој годинава е град на културата, во текот на летово ќе понуди широк спектар на околу 100 културни содржини.