Бројот на жртвите во силна бура Малик која погоди делови од Европа се зголеми на пет, откако во неделата во Полска и Чешка се забележани повеќе несреќи предизвикани од силниот ветер.
Во северниот дел на Полска 27-годишен маж загинал кога стебло паднало врз неговиот автомобил. Во несреќата е повредено уште едно лице. Пожарникарите ширум Полска одговарала на многубројни повици за помош. Меѓу другото отстранувале урнати дрвја од коловозите. Според податоците на властите, околу 680.000 домаќинства останале без снабдвуање со електрична енергија поради оштетените далекуводи.
Во Чешка се урнал ѕид висок пет метри во индустриската зона во Велике Приточно, западно од главниот град Прага, затрупувајќи двајца работници. Еден од работниците загинал на самото место, а вториот е пренесен во болница со повеќекратни фрактури.
Претходно во неделата германската полиција извести дека пешак загинал од остатоци кои од зграда паѓале на улица. Во Белиц, југозападно од Берлин, врз маж паднал изборен плаката, соопшти локалната полиција. Несреќата се случила во саботата по 22 часот, кога бурата којашто во Германија го доби името Надиа, а во светот Малик, се засилила во текот на ноќта.
Во Хамбург плимата предизвикана од силната бура го потопила познатиот градски рибен пазар на германскиот пристанишен град во квартот Алтона, а водостојот во кварот Санкт Паул изнесувал 2,84 метри над просекот. Железничкит сообраќај во Германија и во неделата беше под влијанието на невремето. Многу возови доцнеа, а некои беа откажани.
Во саботата две лица загинаа во Велика Британија кога врз нив паднале дрвја. Локалната полиција во Англија извести дека 9-годишно момченце починало откако стебло паднало врз него во селото Вонотдејл, а мажот кој бил со него претрпел тешки повреди. На источниот брег на Шкотска, во градот Абердин, 60-годишна жена смртно настрадала кога врз неа, исто така, паднало стебло, според локалната полиција.
Повеќе од 130.000 домаќинства останала без електрична енергија ширум Велика Британија поради бурата. На бреговите на Северното Море издадени се неколку предупредувања за поплави.
Претходно во неделата беше објавено дека најмалку едно лице загинало, улиците се поплавени а илјадници домаќинства останаа без електрична енергија во текот на минувањето на бурата Малик преку Шведска и Данска.
Во централна Данска 78-годишна жена починала откако ја соборил налет на силен ветер кога ја отворила вратата, објави данската полиција. „Ветерот ја исфрлил жената надвор, паднала и се здобила со повреди на кои им подлегна“, се наведува во полициското соопштение.
Мостот Оресунд, долг 7,8 километри кој ги поврзува Данска и Шведска, беше затворен за сообраќај од саботата вечерта до неделата претпладнето. Шведските транспортни власти советуваа да не се тргнува на пат викендов поради урнати дрвја и материјали кои ги носи ветерот.
Во јужниот шведски град Малме спасувачките служби го советуваа населнието да го избегнува солитерот „Turning Torso“, бидејќи е оштетен од бурата и делови од конструкцијата би можело да се урнат.
На југот и во централна Шведска десетици илјади луѓе останале без струја, соопштија операторите „E.ON“, „Ellevio“ и „Vattenfall“.