Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска свечено им ги врачи признанијата на годинешниве добитници на наградите во четирите категории од манифестација „Новогодишни бои на Скопје 2013“.
„Градот Скопје традициoнално ги поттикнува граѓаните да ги украсувааат дворовите на индивидулани станбени куќи, тераси, дворови на средни училишта и угостителски објекти, со што придонесуваат во разубавувањето на градот и предновогодишната атмосфера. На добитниците им честитам, а на спонзорите им благодарам за нивната поддршка што секоја година ја даваат на Манифестацијата“, истакна градоначалникот Трајановски.
Игор Гиевски, од Бордот на директори на ЕВН, истакна дека со задоволство компанијата учествува и ја поддржува манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“, им честиташе на добитниците, и нагласи дека и во иднина ќе ја поддржуваат оваа Манифестација, која ги мотивира граѓаните да учествуваат во збогатувањето на празничниот амбиент.
За најубаво украсена семејна куќа, од девет пријавени, е избрана куќата на Тони Даневски на улица Ниџе Планина, број 76, во населба Драчево.
Комисијата за најубаво украсена тераса, од пријавени три, ја прогласи терасата на Ѓоко Игњатовски на улица Жданец, број 16 А, во населба Жданец.
Од пријавените три угостителски објекти, тричлената комисија, годинава за најубаво украсен објект го прогласи кафулето „Мартини“ во Лептокарија.
За најубаво украсен двор на Средно училиште, во конкуренција од четрири пријавени, комисијата го избра дворот на СУГС „Браќа Миладиновци“.
Градоначалникот Трајановски на наградените им врачи парични награди во вредност од 10 000 денари, претставници од фирмата за увоз и продажба на моторни масла и филтери „Фас Вас“ ДООЕЛ од Скопје на победниците во првите три категории им додели ваучери во вредност од 2 000 денари, а ЕВН Македонија еднократно ги ослободи победниците во сите категории, од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија, за месец декември 2013 година.