ФОТО: Почна проширувањето на улицата „Маџари“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, денеска го означија почетокот на градежните работи за реконструкција и проширување на улицата „Маџари“, во општината Гази Баба.

gruevski_rekonstrukcija_ulica_maxari (1)

Овој проект ќе се реализира во две фази, а во оваа фаза улицата „Маџари“ ќе се реконструира на потегот од крстосницата со улицата „Јужноморавски бригади“ до улицата „Палмиро Тољати“ во должина од 666 метри.

gruevski_rekonstrukcija_ulica_maxari (3)

– Со проширувањето, оваа тесна и нефункционална улица ќе добие 4 сообраќајни ленти со ширина од по 3,25 метри (по две ленти  во секоја насока) и нови тротоари покриени со бекатон-плочки. Од левата страна на улицата „Маџари“, гледано кон надвозникот, ќе се формира велосипедска патека со ширина од 3 метри и пешачка патека со ширина од 1,5 метри. Од десната страна на оваа улица ќе се формира пешачка патека со ширина од 2 метри. На новопроширената делница ќе се постави и ново улично осветлување. Градежните работи за проширување на улицата „Маџари“ на овој потег ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација на потегот од раскрсницата на улицата „Јужноморавски бригади“ со улицата „Методија Андонов Ченто“ до надвозникот во Маџари, којашто  ќе го реши долгогодишниот проблем со одведувањето на атмосферските води. На вкупна должина од 929 метри ќе се постават полипропиленски цевки со профил од 200, 800 и 1.000 милиметри , рече градоначалникот Трајановски.

gruevski_rekonstrukcija_ulica_maxari (4)

Претседателот на Владата, Груевски, нагласи дека улицата „Маџари“ е многу фреквентна улица на која се наоѓаат многу институции и дека со нејзиното проширување ќе се подобри сообраќајот во овој дел од градот.

Ulica Madzari prosiruvanje - pocetok (5)

На проектот за проширување и реконструкција на улицата „Маџари“, прва фаза, на потегот од крстосницата со улицата „Јужноморавски бригади“ до улицата „Палмиро Тољати“ и на атмосферската канализација ќе работат екипите на градежната компанија „Бауер БГ“. Градот Скопје за овој обемен проект ќе вложи околу 52 милиона денари.

Додека траат градежните работи на улицата „Маџари“ ќе се воведе привремен сообраќаен режим.

Од Градот Скопје до сите учесници во сообраќајот апелираат да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.