ФОТО| Полесно настрадани лица во излетување на воз во Словенија

На пругата Метлика – Љубљана во општината Ново Место во вторникот вечерта воз излетал од шините поради урнато стебло и притоа најмалку две лица полесно се повредени, извести во средата новинската агенција STA.

Како што објавија словенечките железници, повредени се две лица, додека Управата за заштита и спасување известува за три настрадани лица.

Железничката линија меѓу Метлика и главниот град Љубљана ќе биде затворена на неодредено време, соопштија од Словенечки железници. За патниците ќе биде организиран алтернативен автобуски превоз.

Возот излетал од шините на делницата меѓу станиците Бирчна вас и Уршна села во вторникот во 21,25 часот поради стебло кое паднало на железничката пруга. Во возот имало седум патници, машиновозачот и двајца кондуктери. Полесно повредените патници се префрлени во болницата во Ново Место.

Според податоците од Управата за заштита и спасување, во несреќата во која се повредени тројца патници, првиот вагон излетал од шините поради урнат даб. Пожарникарите од Ново Место, Шмихел и Странске васи веднаш дошле на местото на инцидентот.