Полските нуркачи објавија дека минатата седмица во близина на шведскиот брег на Балтичкото Море откриле остатоци од брод од XIX век, чиj магацински простор бил исполнет со кутии со шампањ и порцелан.
„Целиот брод е натоварен со сандаци со шампањ, минерална вода и порцелан“, изјави за AFP Томаш Стачура, шеф на нуркачката група „Baltictech“.
Според него, меѓу пронајдените предмети има и околу сто шишиња шампањ.
„Нуркам 40 години, често се случува да има еден или два магацини… (но) да наидам на руина со толкав товар, тоа никогаш не ми се случило“, коментира Стачура.
Откритието, на околу 20 наутички милји јужно од шведскиот остров Оланд, беше во голема мера случајност, според нуркачите кои со години го чешлаат дното на Балтичкото Море во потрага по останки.
„Истражувавме нови места од чиста љубопитност и тогаш наидовме на оваа руина“, вели Стачура.
Откривањето на минерална вода во затворени глинени шишиња овозможило да се утврди дека бродот потонал во втората половина на XIX век.
„Успеавме да го фотографираме печатот на шишето, кое се покажа дека припаѓа на германскиот бренд ‘Selters’ – и овие печати во тоа време имале специфична форма“, објасни Стачура.
Нуркачите ги информирале шведските регионални власти за нивното откритие. Тие, исто така, нагласуваат дека шампањот нема да биде пуштен во скоро време поради административни ограничувања.
Лежеше 170 години, па да го пуштиме уште една година, ќе имаме повеќе време правилно да се подготвиме за оваа операција“, заклучува Стачура.