ФОТО| Посетител пронашол дијамант од 7,46 карати во државен парк

Скршнувањето од планираната рута доведе до голема авантура за еден посетител од Париз во САД кој пронашол дијамант од 7,46 карати во државниот парк, објави CNN.

Жилиен Навас, кој ги посетил САД за да го следи лансирањето на првата американска мисија за слетување на Месечината по децении од Кејп Канаверал на Флорида, исто така, го посетил и Њу Орлеанс. На патот, тој слушнал за државниот парк Кратерот на дијамантите во Арканзас, според соопштението за печатот од државните паркови на Арканзас.

Откако претходно барал злато и фосили, паркот го разбудил неговиот интерес. На 11. јануари Навас пристигнал во паркот, купил влезница и изнајмил основна опрема за трагање по дијаманти, се вели во соопштението за печатот.

„Дојдов во паркот околу девет часот и почнав да копам. Тоа е напорна работа, па до попладневните часови главно барав сè на повидок на теренот“, вели Навас во соопштението.

За среќа на Навас, неколку дена претходно врнеше многу дожд во паркот.

„Дождот ја однесе земјата и ги изложи камењата, минералите и дијамантите блиску до површината“, објаснува Вејмон Кокс, помошник началник на паркот.

Многу од најголемите дијаманти во паркот се на површината, додава Кокс, а паркот периодично ја преорува површината од 37,5 хектари за да ја растресе почвата и да ја поттикне природната ерозија.

Навас со своето откритие се појавил во центарот за откривање дијаманти во паркот. Таму му било кажано дека пронашол 7,46 карати кафен дијамант.

Навас го нарекол дијамантот Дијамантот Карин, по неговата свршеница и планира да го подели каменот на два дијаманти, еден за Карин, а другиот за неговата ќерка.

Дијамантот Карин е осмиот најголем дијамант пронајден во Кратерот на дијамантите откако областа стана државен парк во 1972 година, се вели во соопштението за печатот. Во просек, посетителите на паркот наоѓаат еден или два дијаманти таму дневно.

Геолозите објаснуваат дека пред околу 100 милиони години, вулканска ерупција ги исфрлила дијамантите на површината, се наведува на веб-страницата на паркот.