Денеска на Камениот мост и Мостот на цивилизациитe, под покровителство на Град Скопје, во организација на Секторот за локален економски развој, а во соработка со Средното угостителско училиште на Град Скопје „Лазар Танев“се одржа петтата по ред традиционална манифестација “Појадок на Мост”.
На двата моста, денеска појадуваа повеќе од две илјади граѓани, а со нив беше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
„Градот Скопје со организирањето на оваа манифестација, има за цел да ги обедини и зближи сите граѓани на Скопје и заедно да уживаат во уште еден несекојдневен заеднички појадок на симболот на градот Скопје, Камениот мост, а од минатата година и на популарно наречениот мост Око, којшто е доказ за сплотеноста на македонскиот народ со сите националности коишто живеат на овие простори. Поради својата уникатност овој настан стана препознатлив за Градот Скопје и ќе продолжи да привлекува голем број на посетители кои би уживале во убавините на нашиот град. Имено, Град Скопје континуирано работи и ќе работи во насока на збогатување на културно- забавниот живот на граѓаните и посетителите на Градот Скопје,“ истакна градоначалникот Трајановски.
Манифестацијата се одржа во организација на СУГС „Лазар Танев“, а храната и ланч-пакетите ги подготвуваа 600 лица и тоа според сите светски и европски стандарди за подготовка на храна. Ланч-пакетите содржеа 14 до 15 различни продукти, а благодарение на донаторите коишто секако доаѓаат од угостителскиот сектор, секоја година има се повеќе избор на продукти кои влегуваат во ланч пакетите.
За реализација на настанот “Појадок на мост”, во Буџетот на Град Скопје за 2014 година издвоени се средства во износ од 600.000,00 денари.