ФОТО| Пожарникарот кој беше повреден при гасење пожар во Штип, доби опомена пред тужба од Клиничката болница за неплатено лекување

Пожарникарот Александар Георгиевски кој на 30 јули беше повреден за време на гасење на пожар, а потоа пренесен во клиничката болница во Штип, доби опомена пред тужба од страна на болницата поради неплатен долг за лекување.

Георгиевски се онесвестил при гасење на објект, по што од своите колеги бил извлечен, а потоа бил примен во одделението за интензивна нега.

Менаџментот од болницата сега го опоменува, откако тој бил пуштен од болница. Георгиевски не платил 1250 денари.

„Кога ме пуштија од болницата ги прашав дали треба нешто да платам, а тие ми рекоа „Ацка, терај си дома, одмарај си“. Заминав дома во придружба со член на мојата фамилија. И после еден месец ми стигнува опомена пред тужба дека сум останал должен 1250 денари на Клиничка болница Штип без јас тоа да го знам. Не ми е јасно само една работа и не можам да сфатам кој требаше да ме информира дека јас имам долг кон болницата и зошто тоа не ми беше потенцирано кога ме пуштија“, напиша Георгиевски на социјалните мрежи.