ФОТО| Познатата оперска дива Марија Калас доби свој музеј во Атина

Во четврток во грчката престолнина Атина е отворен музеј посветен на познатата сопранистка Марија Калас, која важи за најголемата оперска дива во светот. Сместен во трикатна неокласична зграда во срцето на грчката престолнина, музејот ги отвора вратите пред стогодишнината од нејзиниот роденден.

Четирикатната зграда од 1920-те на централниот плоштад Синтагма некогаш била хотел.

Посетителите ќе можат да видат повеќе од 1.300 експонати во музејот, од нејзините оперски фустани, вклучително и синиот кадифен фустан што го носеше по незаборавната изведба на „Травијата“ на Верди во 1955 година во миланската Скала, до училишни тетратки, партитури и фотографии, па дури и судбоносното мени на забава во Венеција во 1957 година, каде што го запознала грчкиот тајкун Аристотел Оназис, објавија организаторите.

На вториот кат од музејот посетителите ќе можат да слушаат делови од нејзините препознатливи изведби.

„Големата дива Марија Калас се враќа дома. Горди сме на овој музеј кој е првиот што ги спојува технологијата и проживеаното искуство“, рече градоначалникот на Атина, Костас Бакојани.

Реновирањето на објектот и неговото претворање во музеј траеше повеќе од една деценија, со трошоци од 1,5 милиони евра.

Некои од изложените предмети беа донирани од, меѓу другите, миланската Скала, Њујоршката Метрополитен опера, Театарот ла Фениче во Венеција и Арената во Верона, каде Калас го имаше своето деби во Италија во 1947 година.

Марија Ана Сесилија Софија Калогеропулос, оперска дива со грчки корени позната во светот како Марија Калас, е родена во Њујорк во декември 1923 година. Таа почина во 1977 година од срцев удар.