Пратеникот Скендер Реџепи, од партијата Алтернатива, којашто е дел од владејачкото мнозинство предводено од СДС и ДУИ, во иднината самостојно ќе настапува во македонскиот парламент, произлегува од неговиот допис до собранискиот спикер Талат Џафери.
Кон средината на мај незадоволство преовладуваше на првиот конгрес на Алтернатива, во однос на ефикасноста во власта и за програмските определби за кои партијата на Африм Гаши стана дел од Владата. На конгресот тогаш не присуствуваше пратеникот Скендер Реџепи. Тој подолг период е незадоволен од настапот на неговата партија во Владата за целите за кои станале дел од власта и бараше одговорност.
Сега Алтернатива во парламентот ќе остане со тројца пратеници, а парламентарното мнозинство со 63 пратници. Алтернатива е дел од владејачкото мнозинство и во Владата влезе по излегувањето на БЕСА.
Со четворицата пратеници во преговорите во јануари годинава за формирање нова влада, Алтернатива издејствува дури три министерски места, и тоа за здравство, за информатичко општество и за администрација, како и министер без ресор – за дијаспората. Партијата на Африм Гаши доби и значајни директорски места, меѓу кои и на затворот „Идризово“, на Управата за водење матични книги и други.
Реџепи не ги објави причините за напуштање на Алтернатива. Неофицијално, во прашање борба за лидерското место на кое е Гаши, кој се потпиша на листата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица за формирање влада, а потоа ја прифати понудата на штотуки избраниот лидер на СДСМ и тогашен мандатар за нова Влада, Димитар Ковачевски.