Во северниот грчки град Кавала се урна мост кога по него минувале камионски кран и патнички автомобил, но нема настрадани, пренесува јавниот телевизиски сервис ERT.
Мостот на излезот од Кавала кон Ксанти се урнал околу четири часот попладнето. Во тоа време преку него минувал камионски кран со тежина од 50 тони и патничко возило. Возачите не настрадале, иако возилата биле доста оштетени.
Урната е делница во должина од 25 метри. Локалните технички служби истакнуваат дека овој дел од мостот не бил дизајниран за возила со тежината на кранот кој минувал денеска.
Инцидентот предизвика големи застои, бидејќи мостот се наоѓа на една од клучните транспортни насоки кај Кавала.
Локалните медиуми потсетуваат дека во август 2016 година била откриена дупка на тротоарот на мостот, околу истото место кое сега пропадна.