Долги колони возила, застој во сообраќајот, свирежи и нервозни возачи е постојана слика изминатиов период кај крстосницата на булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“.
Инфраструктурниот проект кој го започна уште поранешниот градоначалник Коце Трајановски, а предвидуваше проширување на улицата „Скупи“ и изградба на кружен тек, никако да се реализира. Засега единствено е изградена само трета коловозна лента на улицата „Скупи”, пред вкрстувањето со булеварот „8.Септември”, а во моментот тече изградбата на кружниот тек, што е главната причина за сообраќајниот хаос.
Може да се забележи дека работите на терен не се одвиваат брзо, а метежот што се создава во тој дел од градот за граѓаните е неиздржлив.
Нема ни обид од надлежните да се ублажи застојот во сообраќајот со полициска сообраќајна контрола.
Дополнително, пола улица пред „Хубо маркет“ е раскопана и затворена, а оставена е само една функционална коловозна лента од двете страни и огромна дупка среде улица.
Оваа е значајна крстосница бидејќи тука поминуваат голем број на возила од Чаир, Бутел и Гази Баба кои сакаат да дојдат директно до општината Карпош или да продолжат кон Ѓорче Петров. Тука се наоѓаат и бројни продажни салони, но и болницата Систина, така што возењето кон овој дел од Скопје, особено во текот на денот кога фреквенција во градскиот сообраќај е најголема, изгледа како невозможна мисија.
Изградбата на кружниот тек кај „Хубо маркет“, официјално почна минатата година во јули, во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, кој најави дека градежните работи на овој потег ќе траат дури 2,5 години бидејќи станувало збор за сложен проект. Тогаш почна изградбата и на клучката кај Момин Поток.
„Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на 2 кружни тека, каде што првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“ и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар „Словенија“ каде што се поврзува со булеварот „Словенија“ и со булеварот„ Босна и Херцеговина“. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем“, посочи тогаш Шилегов.
Градежното претпријатие „Жикол“ го доби договорот од Град Скопје за изградба на трите крстосници (помеѓу булеварите „8 Септември“ и „Никола Карев“, помеѓу „Никола Карев“ и улицата „Словенечка“, како и помеѓу „8 Септември“ и улица „Скупи“) за околу 19 милиони евра.
Според договорот, изградбата треба да заврши за 30 месеци.