![vozenje-alkohol](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/10/vozenje-alkohol.jpg?resize=626%2C417&ssl=1)
Рекордни 4,26 промили алкохол вчера во 22:03 часот му биле измерени во крвта на возач, кој бил запрен од сообраќајната полиција во Македонија.
Ова дефинитивно е македонски рекорд во измерени промили на алкохол во крвта бидејќи според досегашните сознанија, најголемото количество алкохол во крвта кај учесник во сообраќајот измерено со дрегер изнесувало 3,87 промили, во јули годинава.
Не е дозволено повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта бидејќи првите пречки при управување на возилото се јавуваат на 0,8 промили алкохол.
Лекарските и медицински факти околу присуството на алкохол во крвта велат дека со 2,5 промили алкохол во крвта веќе се јавуваат сериозни пречки на сите ментални и физички функции. Се зголемува и ризикот од задушување при повраќање, како и од повреди при паѓање или друг вид на несреќа.
Со 3 промили во крвта можно е да дојде до ненадејно губење на свеста и тешко будење и освестување од таквата состојба.
3,5 промили веќе претставуваат сериозен проблем и може да доведат до појава на кома. Ова количество алкохол по својата јачина е еднакво како и јачината на една анестезија при хируршка интервенција.
Четири и повеќе промили алкохол предизвикуваат состојба на кома, а многу веројатно и смрт пред се заради престанок на дишење, многу нискиот крвен притисок и задушување при повраќање.
Инаку, во текот на вчерашната вечер во периодот од 23.00 до 04.00 часот спроведена е зајакната акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол на територијата на Македонија, при што санкционирани се 70 возачи.
Од нив, 12 на територијата на СВР Скопје, по 11 на територијата на СВР Тетово, СВР Охрид и СВР Штип, девет на територија на СВР Велес.