До крајот на оваа година петнаесет улици во општина Ѓорче Петров ќе се реконструираат во рамки на големиот капитален инфраструктурен проект.
На отпочнувањето на градежните работи присуствуваше премиерот Никола Груевски, кој истакна дека се обезбедени средства за реконструкција и санација на 15 локални улици во оваа општина.
-Тоа е нашиот одговор на барањата на граѓаните. Ќе се реконструираат најоштетените улици во Ѓорче Петров. Летово ќе се работи турбо во оваа општина, истакна Груевски, кој додаде дека покрај реконструкцијата на овие улици, во моментот во општината Ѓорче Петров се гради новиот објект на полициската станица и противпожарната единица, како и спортското повеќенаменско игралиште во населбата Даме Груев.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, истакна дека со овој проект ќе бидат асфалтирани над 3 километри улици.
-Со овој капитален проект, како и со други проекти за побогати општини, станавме репер за работење. Изминативе години реконструирани се над 30 улици во урбаниот дел на општината и десетина во руралниот дел, потенцираше Митровски.