Најмалку едно лице загина, а десетмина се повредени при уривање на дел од зграда со 136 станови во Мајами Бич во американската држава Флорида.
Во тек е голема акција за спасување.
Зградата се урнала во текот на ноќта, а на местото на несреќата биле испратени 80 противпожарни возила.
Не е познато колку луѓе имало во зградата, но локалните медиуми јавуваат дека е потврдена смртта на едно лице, а од урнатините досега се спасени 35 лица.
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис изјави дека локалните и државните власти се надеваат дека повеќе луѓе ќе бидат спасени од урнатата зграда.
– Но, ние се подготвуваме и за лоши вести со оглед на уништувањето на кое бевме сведоци, рече ДеСантис.
На прес-конференцијата одржана во Тампа, гувернерот им се заблагодари на пожарникарите и на спасувачките екипи.
– Брзиот одговор беше многу важен, така се спасуваат животи. Сакам да им се заблагодарам за нивната храброст, рече тој.
Градоначалничката на Мајами, Даниела Левин Кава на прес-конференција изјави дека се урнале околу половина од становите во 12-катната зграда.
– Во тек е огромна операција за пребарување и спасување. Ќе сториме се што е во наша моќ да ги идентификуваме и спасиме заробените во урнатините, рече градоначалничката.
Таа рече дека станува збор за зграда со 136 станбени единици.