Мнозинството британски и американски медиуми ја објавија така наречената „селфи“ фотографија на претседателот на САД, Барак Обама, на кој тој е насмеан заедно со британскиот премиер Дејвид Камерон и данската премиерка Хеле Торнинг Шмит, оценувајќи дека е непримерно за време на комеморацијата на Нелсон Мандела.
На Твитер се појавија повеќе фотографии на кои Обама е насмеан и весел додека на комеморацијата се фотографира и разговара со премиерката на Данска, додека покрај него седи неговата сопруга Мишел, која, како што оценуваат медиумите, очигледно, по изразот на лицето, не го одобрува таквото однесување.
„Тоа се светски лидер, а не збир тинејџери кои се кикотат. Зарем не можеа да почекаат пред да почнат да се глупираат“, прашува британскиот „Индипендент“.
Сличен став изнесуваат многумина други на Твитер, од тоа дека последното испраќање на Мандела секако не е место за „селфи“ фотографирање, до оценката дека следи „сапунска опера дома“ поради фотографирањето на Обама со русокосата премиерка на Данска.
Весникот „Њујорк Дејли Њуз“ наведува дека од фотографиите е очиглеедно дека Мишел Обама не го одобрува таквото однесување на својот сопруг за време на комеморацијата и оценува дека само таа се однесувала „свечено“ како што доликува на тој момент.
Британски „Гардијан“ пишува „колку и да се познати“ не успеа да одолеат да направат „селфи“ фотографија на комеморацијата.