Нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и силен ветер во моментов има во Скопје и северозападните делови од Македонија.
Темни облаци веќе се насобраа над Галичица што обично е најава за силно невреме. Туристите од плажите на охридското и струшкото крајбрежје веќе забрзано заминуваат.
УХМР уште вчера најави дека земјава ќе ја зафати влажен бран со поројни дождови и засилен ветер.
Од УХМР најавија дека попладне и во ноќните часови почнувајќи од запад облачноста во земјава ќе се зголемува и ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд за кратко време (над 20 l/m2 за 6 часа), силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град.
Управата за хидрометеоролошки работи предупреди дека поради невремето со интензивен дожд за кратко време, силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град, можно е да дојде до поројни истекувања на помалите водотеци и суводолици и до несакани излевања на водите, кои би можеле да предизвикаат локални проблеми како на крајбрежјето, така и на патната инфраструктура, на одредени места можна е и појава на свлечишта и одрони.
Од утре и во почетокот на новата работна седмица следува стабилно и посвежо време со умерен, повремено засилен ветер од западен и северозападен правец.