ФОТО| Словенија: Започна евакуацијата на заробените во пештерата Крижна јама

Околу 14 часот започна извлекувањето на евакуацијата на петте лица кои од саботата попладнето се заробени во словенечката Крижна јама, најави во понеделникот Сречко Шестан, командант на словенечката цивилна заштита.

Во интервју за службената словенечка новинска агенција STA, Шестан го оцени напредокот на спасувањето досега како добар. Тричлено семејство и двајца водичи се заробени од саботата поради високиот водостој, на околу 2,4 километри од влезот во пештерата.

Според Шестан, водата што го предизвикала високиот водостој дошла од правец на Хрватска, што го изненадило инаку искусниот водич на пештерите.

„Кога се враќале од пештерата, виделе дека пештерата е делумно поплавена, поради што се повлекле на безбедно“, рече Шестан.

Акцијата за спасување започна уште во саботата попладне, а досега неколку екипи нуркачи стигнаа до заробените лица и им обезбедија сѐ што им е потребно.

Петте лица се безбедни, во загреан шатор на карпа на десетина метри над водата, имаат храна, топла облека и факели, а според последните извештаи од спелеолошката екипа нивната состојба е стабилна.

Тричленото семејство со возрасно дете и двајца водичи во сабота во 8 часот тргнале на комерцијална обиколка на јамата Крижна како дел од здружението на љубители на Крижна јама. Со оглед на тоа што не ја напуштиле пештерата во закажаниот термин 15 часот, дежурниот од здружението се симнал во пештерата и видел дека нивото на водата се подигнало, па во 17 часот започнал спасувачка акција.