Возач на автомобил се забил во бетонскиот блок на познатиот берлински Меморијал на холокаустот во вторникот рано утрото и го оштетил, соопшти полицијата на германската престолнина.
Инцидентот се случил рано утрото околу 3,30 часот по локално време, кога автомобилот излетал од коловозот бегајќи од полицијата. Притоа е оштетен познатиот споменик посветен на милионите Евреи убиени во Европа од страна на германскиот нацистички режим во текот на Втората светска војна, кој е лоциран близу Бранденбуршката порта.
Тројца мажи имало во автомобилот кој бил следен од полицијата. По силниот удар во бетонскиот блог, го оставиле автомобилот и се обиделе да побегнат пешки, но набрзо биле уапсени. Засега не е познато дали има намера во инцидентот.
Оштетен е најмалку еден столб од спомен обележјето. Еден од патниците во автомобилот се здобил со полесни повреди и бил пренесен на амбулантно лекување.
Портпаролка на берлинската полиција за локалниот весник Berliner Zeitung рекла дека сообраќајната полиција во рутинска контрола сакала да го запре возилото во кое се наоѓале тројцата мажи, но возачот не запрел. Натамошната проверка покажала дека регистарските таблички не се совпаѓаат со возилото.