Во средбата од второто коло од Групата Г на светското фудбалско првенство во Катар во понеделникот селекциите на Србија и Камерун на стадионот „Ал Џануб“ одиграа возбудлив и ефикасен натпревар кој заврши без победник со резултат 3:3 (2:1).
Поведе Камерун со погодокот на Жан-Шарл Кастајет во 29 минута, но од крајот на првиот дел Србија направи резултатски пресврт со двата гола во судиското продолжение кои ги постигнаа Страхиња Павловиќ во 45+1 и Сергеј Милинковиќ-Савиќ во 45+3 минута. На почетокот од вториот дел, во 53 минута Александар Митровиќ го удвои водството на Србија на 3:1, но Камерун со два брзи погодока од противнапади преку Винсент Абубакар во 63 и Ерик Максим Чупо-Мотинг во 66 минута ги поставија конечните 3:3.
Соочувањето на двете селекции кои со пораз го започнаа натпреварувањето беше клучно за одржување на шансите за пласман во фазата на елиминации, понуди отворен фудбал од двете страни што резултираше со шест погодоци и уште толку најмалку шанси за гол.
На самиот почеток на мечот Србија имаше две шанси да дојде во водство преки својот најдобар стрелец Александар Митровиќ. Правата беше во 11 минута по убавата комбинација по десното крило во кој учествуваа Костиќ, Митровиќ, Тадиќ и повторно Митровиќ но неговиот удар откосо се запре на стативата. Во 17 минута, пак, Камерунците само ја комплицираа ситуацијата пред својот гол со две катастрофални реакции, па топката падна на нозете на Митровиќ кој шутираше од десетина метри, но за малку крај десната статива.
Според старото фудбалско непишано правило, Србија беше казнета за овие промашување во 29 минута, кога Камерун доби удар од корнер. Н’Кулу од првата статива ја префрли топката на втората каде сосема заборавен од српската одбрана осана Кастајето и мирно од непосредна близина ја спроведе топката во мрежата.
Камерун во 43 минута можеше да го удвои водството кога на невнимателниот Павловиќ топката му ја украде Кинде, потоа шутираше од работ на шеснаесетникот, но неговиот обид го одбрани Вања Милинковиќ-Савиќ, а вториот обид во продолжението под акцијата на камерунскиот крилен напаѓач беше непрецизен.
И за ова промашување набрзо стада казната на спротивната страна. Павловиќ три минути подоцна од можен трагичар стана херој откако одлично со глава израмни на 1:1 по нафрлувањето на Тадиќ од слободен удар. Само две минути подоцна Србија го комплетираше пресвртот, кога Замбо-Ангуиса невнимателно загуби топка на 20-ина метри од својот гол, следеше ткн „триаголник“ комбинацијата на српските напаѓачи која со прецизен удар од работ на шеснаесетникот ја заврши Сергеј Милинковиќ-Савиќ.
Кога на почетокот од вториот дел Србија поведе со 3:1 по уште една убава комбинација на целиот напаѓачки ред, се чинеше дека играта на Камерун се распадна. Тадиќ ја освои топката на средината на теренот, додаде до Митровиќ овој го проигра Костиќ кој ја проследи до Милинковиќ-Савиќ а овој го најде Живковиќ кој го забележа осамениот Митровиќ во центарот на противничкиот казнет простор, а најдобриот српски стрелец од својата трета шанса на мечот конечни и поентираше.
Меѓутоа, следеа по една важна замена во двете репрезентации. Камерунскиот селектор Ригобер Сонг плански го уфрли својот најдобар стрелец Абубакар, а српскиот селектор Драган Пикси Стојковиќ поради повреда беше принуден да го замени стоперот Павловиќ.
Резултатот од овие измени се покажа веќе во 63 односно во 66 минута, кога Камерун во само три минути постигна два гола и се врати во мечот. Во двата случаи во главна улога беше Абубакар кој за неколку сантиметри избегна офсајд позиции кои се обиде да ги постави лошо координираната српска одбрана.
Фаи во 63 минута испрати долга топка за Абубакар кој изби сам пред српскиот голман и потоа со ефектен лоб го совлада. Линискиот судија прво го крена знаменцето, но по прегледувањето на снимка беше утврдено дека камерунскиот напаѓач не бил во недозволена позиција. И три минути подоцна Абубакар ја избегна офсајд стапицата, но отиде премногу в десно, но сепак неговата акција ја следеше Чупо-Мотинг кого правровремено го проигра, па напаѓачот на минхенски Баерн лесно од непосредна близина погоди за 3:3.
Иако до крајот на мечот остана уште половина час игра а ремито не беше посакуван резултат за двете селекции по поразите во првото коло, резултатот повеќе не се менуваше, а немаше ниту премногу изгледни шанси за погодок. Најблиски до гол во тој период повторно беше Митровиќ кој во 89 минута шутираше од 14 метри, но не беше прецизен.
И за Србија и за Камерун ова е првиот бод на првенството, па останаа на третото и четвртото место на табелата. Водат Бразил и Швајцарија со по три бода кои се соочуваат од 17 часот.