Утре православните верници ќе го празнуваат Св. Никола, а денеска во Битола и пошироко овој светец е куќна слава во многу семејства. Во едно православно семејство во Битола токму вечерва кога го слават како куќна слава, тој се појави на филџан со кафе, така за Тера Телевизија раскажуваат домаќините.
Во календарот на МПЦ е запишано дека овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Св. Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостиња, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).