ФОТО: Таа е единствената жена пожарникар и била бранител во „Лавови“

Четириесет и петгодишната Билјана Сандева е единствената жена-пожарникар во Македонија. По професија е графички техничар, во скопската Бригада за противпожарна заштита работи 10 години, а претходно била бранител во специјалната единица „Лавови“.

Вели дека за жените се мисли дека се кревки и нежни, но таа тоа го негира, а и го докажува. Мајка е на 26-годишен син и 22-годишна ќерка, а живее во Идризово.

– Можеби како жени сме поемотивни, но сме цврсти. За мене лично можам да кажам дека сум трудољубива, комуникативна личност и рамо до рамо учествувам со моите колеги во гасењето на пожарите, во обуките, тренинзите и вежбите. За да ја работиш оваа професија, треба да си храбар, издржлив, да знаеш да се снајдеш во секоја ситуација, но пред с`, да ја сакаш – вели Сандева.

Бранителка и пожарникарка

Таа раскажува дека уште како мала ја сакала униформата.

– Не успеав да се запишам на Воената академија. Затоа, во 2000 година, кога почнаа немирите во Македонија, доброволно се пријавив како бранител. Бев во специјалната единица „Лавови“ со 50 мажи. Јас сум патриот, си ја сакам земјата и тоа беше првото што ме мотивираше да се пријавам како бранителка. Потоа, кога се трансформира оваа единица, јас и уште пет-шест колеги бевме распоредени во Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, каде што работам и сега – вели таа.

На почетокот, се сеќава, ~ било чудно и тешко, паднала и по некоја солза, но сега таа е одличен и цврст пожарникар, кој не се разликува од мажите. Првиот пожар во чие гаснење учествувала, бил во населбата Драчево.

– Ни беше дојавено дека гори барака. Бев повеќе како гледач бидејќи с` уште учев. Бараката гореше, а станарите не беа дома. Ми потекоа солзи, ми падна жал. Тогаш почувствував дека оваа професија е ризична, но во исто време и хумана. Првпат видов што всушност значи борбата со огнот и колку треба да бидеш издржлив – констатира Сандева.

Првото соочување со оган не ја поколебало, а кога оди да интервенира, вели, не помислува на стравот. Тоа чувство се јавува подоцна, откако сè ќе се заврши.

– Мислиш само на тоа да ги спасиш луѓето, ако има луѓе, а потоа да ги спасиш и материјалните добра. Сепак, срцето чука посилно и се чувствува одредена возбуда, што е нормално, бидејќи секој е човек и не знае што го очекува во животот – вели таа.

Лани гаснела 10 пожари

Лани таа учествувала во гасење на 10 пожари, од кои највпечатлив и останал пожарот од пред три месеци, кога изгоре стан во Kолонија Идризово.

– Сопственикот сам го запалил станот. Гореше целиот покрив. Kога пристигнавме го најдовме човекот со јагленосано лице, изгорен. Тогаш првпат се соочив со жртва од огнената стихија. Го покрив со чаршаф. Моите колеги го изнесоа и продолживме да гасиме. Ни беа потребни 4 до 5 часа за да го изгаснеме пожарот – се сеќава таа.

Гаснела пожар и во родното село и вели дека соселаните не ја ни познале дека е жена, бидејќи работела со шлем. Kуќата што ја гаснеле изгорела до половина.

За да биде во кондиција, нашата соговорничка секојдневно ги посетува вежбите како што се качување со јажиња на пожарникарската кула, качување по спасителните скали, тренинзите во сала, како и наставата во која се анализираат пожарите.

– Моите колеги немаат никакви предрасуди кон мене. Можеби на почетокот им беше малку чудно, а и јас самата се срамев, но со текот на времето и тие се навикнаа на мене и јас на нив. Сега и јас покажав дека го знам и го можам истото што и тие – потенцира Сандева.

Во Бригадата има четири чети, а во секоја по 55 пожарникари. Секој од нив си ја знае работата и е подготвен веднаш да реагира на повик. Штом се огласи ѕвоното, вели Сандева, пожарникарите за една минута се во камионите и јурат кон местото од каде што ги повикале. Опремата, како униформа, шлем и чизми, им е во ранец и ја облекуваат по пат.

Спасувала заглавени во лифт

Единствената пожарникарка Бијлана Сандева, освен во гасење пожари, учествувала и во разни технички интервенции.

– Еднаш со колегите интервениравме во заглавен лифт во зграда во Центар. Во лифтот беа заглавени 8 млади луѓе, кои беа во паника. Имаме посебен клуч за одглавување лифтови, со кој го отворивме лифтот. Луѓето беа пресреќни кога н~ видоа – вели Сандева.

Извор: Ангела Петрова за Дневник