Палестинските христијани одржаа божикно бдение во Витлеем во саботата во мрачно расположение, пеејќи химни на свеќи и молејќи се за мир во Газа наместо вообичаените прослави на местото каде што веруваат дека е роден Исус Христос.
Витлеем има централно место во христијанската традиција за животот на Исус, според која тој е роден во штала бидејќи во гостилницата немало место за неговите родители, а потоа бил сместен во најскромната постела, јасли за животни.
И по повеќе од две илјади години подоцна, аџиите се собираат на локацијата на таа штала од преданијата во Витлеемската црква на Христовото раѓање од византиската ера, каде што обично има радосни божикни прикази на светилки и накитени дрвја на плоштадот Рождество.
Но, не оваа година, бидејќи во воената кампања на Израел загинаа повеќе од 20.000 луѓе, според здравствените власти во Газа, енклава со која управува радикалното исламистичко движење Хамас. Во жалост е и мнозинското палестинско население во Витлеем во другата палестинска енклава Западниот брег (од реката Јордан) кој исто така меѓународната заедница ја смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година.
Годинава Палестинците христијани решија да слават без големото дрво, вообичаениот центар на божикната прослава во Витлеем, бидејќи на само 50 километри се случува масакрот. Наместо вообичаеното јасли, како што христијаните го нарекуваат традиционалното прикажување на фигурини што го претставуваат светото семејство, црквите во Витлеем годинава поставија макети на разурнати згради и бодликава жица во знак на солидарност со жителите на Газа.
„Витлеем е порака. Тоа не е град, тоа е порака за мир до целиот свет. Од ова свето место пренесуваме порака за мир… запрете ја војната, престанете со крвопролевањето, убиствата и одмаздата“, рече отец Ибрахим Фалтас на бдението.
Христијаните сочинуваат околу 2 отсто од населението низ Израел и окупираните палестински територии, според здружението Христијани за заштита на Светата земја, основано од поглаварите на црквите во Ерусалим, а има помал и помал дел од христијаните и во Газа.
Војната предизвикана од нападот на Хамас на 7 октомври врз израелските градови за кои Израел вели дека убиле 1.200 луѓе, главно цивили, ги одврати повеќето од очекуваните странски туристи кои се надеваа да го прослават Божик во Витлеем.
Кога црковните водачи се собраа во Витлеем на почетокот на декември за да го одбележат почетокот на адвентот (според римокатоличката традиција, термин кој го означува доаѓањето на Исус), на вообичаено преполните улици и плоштади имаше малку луѓе во и онака тмурното расположение и празнично доживување.
„Овој Божик во Витлеем е поинаков. Денеска и Витлеем, како и секој друг палестински град, е во жалост. Тажни сме“, рече градоначалничката Хана Хананија, палејќи свеќа на плоштадот Рождество Христово.