Семејна трагедија во Кентаки, мајка и осум деца загинаа по пожар, се спасија само таткото и едната ќерка, но се здобиле со тешки изгореници.
Според американските медиуми вчера, во раните утрински часови, додека сите спиеле избувнал пожар во куќата на 11-члено семејство во Кентаки.
Пожарот, во дрвената куќа во Гринвил, бил предизвикан од електрична греалка. Пламените јазици брзо се прошириле додека семејството спиело. Додека стигнале противпожарните возила, целата куќа била во пламен.
Огнената стихија била фатална за мајката, 35-годишната Лара Ватстон и нејзините осум деца на возраст од четири до 15 години. Со тешки изгореници се здобиле таткото, 36-годишниот Чад Ватстон и 11-годишната ќерка. Двајцата се хоспитализирани.
Пожарникарите ги повикал сосед кој забележал густ чад од куќата.
Куќата имала три спални соби,па повеќето деца со родителите спиеле во дневната соба. Телата на загинатите биле пронајдени во првиот кат на куќата.
Сосетката Лора Бенет за медиумите изјавила дека надвор било толку ладно, што кога пожарникарите се обиделе да ја изгаснат огнената стихија, водата се замрзнувала веднаш.