Дваесет дена од почетокот на руската инвазија, Украина сè уште не е поразена. Русија окупираше само еден голем град и регионален центар, Керсон во јужна Украина.
Додека преговорите меѓу Русија и Украина продолжуваат, руското гранатирање градови продолжува. Нападите ја оштетија воената и цивилната инфраструктура, вклучувајќи училишта, градинки и болници низ Украина.
Илјадници Украинци загинаа од 24 февруари, а околу три милиони избегаа.
Руски проектили денеска погодија зграда во Киев, во која избувна голем пожар. Во Киев денеска животот го загубија неколку цивили.
Од Киев пристигнуваат и фотографии од погребот на загинатите украински војници. На фотографијата погоре се гледа како украински војник се збогува со својот татко Роман, кој исто така бил припадник на украинската армија.
И Харков беше изложен на жестоки напади, во кои уништените згради беа покриени со мраз. Уништена е една фабрика, како и неколку дуќани.
Голем број жени и деца бегаат од војната во западна Украина, а потоа во соседните земји. Повеќето од нив пристигнаа во Полска.
Киев прогласи 35-часовен полициски час, а граѓаните се поканети да поминуваат што е можно повеќе време во засолништата. Дел од граѓаните се кријат од гранатирањето во станиците на метрото.
Во Киев, но и во другите градови, армијата и волонтерите поставуваат барикади за кои се надеваат дека ќе го запрат или барем ќе го забават напредувањето на руските тенкови во случај да дојдат на градските улици.
Премиерите на Полска, Чешка и Словенија пристигнаа во Киев за да му покажат поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ги информираше за напредокот на војната со Русија.
„Вашата посета на Киев во овој тежок момент е силен знак за поддршка за Украина. Тоа навистина ни значи многу“, рече Зеленски по средбата.